„Анима мунди“ : Кривична одговорност за  лицата кои садистички тепаат куче

Кривична одговорност за лицата кои измачувале врзано куче а за што постои видео – снимка, побара денеска организацијата „Анима мунди“. Оваа организација за заштита на животните објави вознемирувачко видео на кое се гледаат две лица како измачуваат куче кое е врзано во двор на една куќа при што силно го удираат со црево. Од „Анима мунди“ бараат најстрога казна и одземање на секое животно што го поседуваат овие лица.

Во објавата на социјална мрежа Фејсбук „Анима мунди“ наведува дека видеото им било доставено вчера но е снимено/објавено јавно пред повеќе години. Снимката уште стоела на приватен фејсбук профил но до сега по овој случај не е превземено ништо.

На снимката се гледа како едно постаро лице силно и многупати удира по кучето коешто не може да избега. Истовремено, другото лице му се доближува со кокошка во раце при што извикува: „Ајде да видиме дали уште ќе јаде кокошки…“.

Во објавата на „Анима мунди“ се наведува дека видеото е најдено на страната на Стефан Ташков од Радовиш.

-Ние сме опкружени со дивјаци, а животните во Македонија се изложени на терор каков што не може да се објасни! Видео најдено на страната на Стефан Ташков од Радовиш во кое со ваква најава се гордее и јавно се фали. Итно најстрога казна и одземање на секое животно што го поседуваат овие малоумници и садисти, итна кривична одговорност! Итно спроведување инспекциски надзор на АХВ, полициски истраги во секој град и село во Македонија зошто пред очите на сите – неказнето – те со отрови, камшици, те со пушки, се спроведуваат убиства или се мачат живи битија, дела за кои секој би бил затворски санкциониран во секоја нормална држава во светот. Не да се тормозат и казнуваат активисти за секаква тривијалност и глупост, туку монструмите, кои се меѓу нас, кои фрапантно, без страв и срам ги прекршуваат Законот за заштита и благосостојба на животните и Кривичниот закон. Позиција за животни, најстроги казни за мачење и убивање на животните, нивна примена наместо празни зборови на хартија!, велат од здружението.

Од таму додаваат дека институционалниот молк ги охрабрува социопатите, насилниците, како и дека институционалната зачмаеност е директен причинител и резултира во сериозни и неповратни општествени девијации во Македонија.

Претходна вестКонцерт на тенорот Благој Нацоски во НОБ
Следна вестПоради чествувањето на Гоце Делчев во сабота од вечерва се затвора улицата „Самоилова“