Анита Бошковска и Катерина Георгиевска избрани за судијки во Врховниот суд

Судскиот совет на денешната 436-та седница ги избра Анита Бошковска и Катерина Георгиевска за судијки во Врховниот суд од граѓанска област.

На огласот за избор на четири судии во Врховниот суд, од кои двајца за кривична област и двајца за граѓанска област, беа пријавени по петмина кандидати, но Судскиот совет не избра ниту еден од петмината кандидати за судии од кривична област.

Од граѓанска област пријавени беа пет кандидати, од кои прворангирана со 74 бода судијката Анита Бошковска која доби 10 гласа „за“ и 2 против, додека второрангираната со 68,4 бода Катерина Георгиевска која доби 10 гласа „за“ и два против. Судскиот совет согласно закон судиите ги избира со најмалку осум гласа „за“ од судиите со право на глас и гласа од прворангираниот се до изборот на потребниот број судии согласно објавениот оглас.

Судијката Анита Бошковска во Врховниот суд доаѓа од Апелацискиот суд во Скопје каде била судијка. Своја кариера таа ја започнала во 1988 година како приправник во Општински суд Скопје I, а во периодот од 1995 г. се до 27.6.1996 г. работела како стручен соработник во Врховниот суд на РМ во управен оддел. На 27.6.1996 г. прв пат била избрана за судија во Основниот суд Скопје 1 Скопје каде постапувала по предмети од граѓанска материја. Од 1.4.2007 г. до 25.6.2009 г. била судија во граѓанскиот оддел на Основен суд Скопје II Скопје. На 25.6.2009 г. е избрана за судија во Апелациониот суд каде постапува по граѓански предмети.

И Катерина Георгиевска доаѓа од редовите на скопската Апелација.  Таа од 1988 г. до 1.2.1996 г. работела како стручен соработник во тогашниот Окружен суд Скопје на граѓанска материја. Од 1.2.1996 г. до 2000 година работела како стручен соработник во Врховниот суд на РМ на граѓанска материја, а од 2000 година до 15.3.2004 година работела како самостоен судски советник во Врховниот суд на РМ на граѓанска материја.

Првпат била избрана за судија во Основен суд Скопје I Скопје на 15.3.2004 година, каде постапувала во одделот за граѓански спорови, а со реформите во април 2007 година била распределена на работа во Основен суд Скопје II Скопје во одделот за имотно правни спорови. На 6.6.2013 година е избрана за судија на Апелационен суд Скопје каде постапува по предмети во граѓанскиот оддел и е претседател на граѓанскиот оддел

Претходна вестПриведен тетовец, ограбувал камион
Следна вестПлатната и стиропорот го разубавуваат пазарот во Аеродром?