Анкета на Стопанска комора: На приватните компании им се бара мито и над 100.000 евра, главно од централната власт

Секоја втора приватна компанија лани се соочувала со коруптивни барања од јавниот сектор при што митото достигнува и до 100.000 евра, покажува анкетата спроведена од страна на македонската Стопанска комора. Истражувањето е спроведено  во рамките на проектот „Граѓаните против корупцијата“ и открива дека во 2023 година од компаниите во приватниот сектор се барале пари, услуги и подароци најмногу од централна власт. Загрижувачки се податоците кои се темелат на одговори од 138 приватни македонски компании кои работат во 48 дејности, а во однос на искуството што го имале со корупција во земјава.

-На прашањето „Дали компаниите се соочиле со коруптивни барања од јавниот сектор во 2023 година?“, одговориле 83 компании од кои повеќе од половина (53 отсто) одговориле потврдно на прашањето, додека  47 проценти од нив рекле дека не се соочиле со такви барања. Прашани на кое ниво во јавниот сектор најчесто наишле на корупција, дури 78 проценти одговориле дека тоа се случило при работа со централната власт, додека 22 отсто при работа со локалната власт.Анализирајќи колкави средства биле побарани од компаниите во приватниот сектор кои се соочиле со корупција, кај 51,2  отсто биле побарани од 1.000 до 10.000 евра, но пет компании на прашалникот одговориле дека се соочиле со барања за повеќе од 100.000 евра. Кога се во прашање јавните тендери, најчесто се барало 6-10 отстоод вкупниот износ на тендерот, соопшти денеска Зоран Јовановски од СКСМ.

Тој објасни и како компаниите одговориле на коруптивните барања.

-Дури 31 од вкупно 51 одговор покажуваат дека компаниите не презеле ништо, а во шест одговори било потврдено „нормално е нешто да се даде“. Само четири одговори од вкупно 51 се однесуваат на тоа дека по барање за корупција било пријавено кај претпоставениот во јавниот сектор, рече тој.

 

Претходна вестМаринакис: Постои само едно толкување на ерга омнес
Следна вестБугарско МНР: Покренувањето идеи за повторно преговарање за веќе преземените меѓународни обврски само ќе доведе до дополнително оддалечување