Антикорупционерите бараат кривично гонење на Наумче Мојсовски

Иницијатива за кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и на повеќе други лица покрена денеска Државната комисија за спречување на коруцијата. На денешната седница антикорупционерите заклучија дека по три години анализа на начинот на доделување на спортските ваучери треба да се иницира кривично гонење Мојсовски и на членовите на Централната комисија за евалуација на предлог-листите за доделување спортски ваучери.

Исто така, ДКСК до УЈП ќе достави иницијатива за извршување надзор на сите субјекти од областа на спортот во поглед на користење на средствата преку т.н. ваучер систем во периодот од 2020, 21 и 22 година. Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.

Комисијата смета дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт, со носење на некое ново решение за распределба на средства со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС. Членот на ДКСК Владимир Георгиев, појасни дека во 2021 година биле анализирани постапките и активностите при спроведување и користење на средства при доделување на ваучери од Агенцијата за млади и спорт и централната комисија, како и за пропустите и непочитувањето на Законот од страна на дел од федерациите и спортските клубови при конкурирањето, нивното користење на средствата и отчетност.

Освен од АМС, податоци биле побарани и од фудбалската, кошаркарската, ракометната и одбојкарската федерација, како и до спортските клубови кои користеле средства од ваучери во висина од над еден милион денари.

-Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер системот постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало, изјави Георгиев.

Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот и членовите на централната комисија во 2020, 21 и 22 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата кои имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

 

Претходна вестМаж од Уганда има 12 жени, 102 деца и 578 внуци, на некои сопруги им ги заборавил имињата
Следна вестКонечно, во Кисела Вода се прават нови паркинзи, ќе има ли уште?