За конечните бројки на предмети и иницијативи коишто ги сработила Антикорупциската комисија ќе ги информира медиумите на крајот на месецов, а „црешата на шлагот“ ќе бидат големите предмети што се однесуваат на „Бехтел и Енка“ и Лотарија, изјави денеска претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Одговарајќи на новинарско прашање за впечаток за мандатот што го завршува, Ивановска изјави дека овој состав на ДКСК не работел од нулта, туку „од минус и неколку позиции под нула“, ако се земат предвид оценките што претходно за оваа институција ги давала Европската комисија.
-Сме правеле анализа за 10-ина години наназад. Значи, до 2019 година навистина беа негативни оценките. Успеавме сето тоа да го поправиме иако половина мандат имавме непроменети услови за работа, како просторни, така и материјално-технички, човечки ресурси. Сепак, низ рацете на ДКСК поминаа бројни предмети, некаде околу пет и пол илјади предмети поминаа и се завршија, дадовме повеќе иницијативи во Јавното обвинителство, изјави Ивановска пред отворањето на презентацијата на резултатите од Националниот систем на интегритет на Република Северна Македонија.