Антикорупциска комисија со кривична пријава против Рашковски и Зекири, за вработување хонорарци потрошиле 2,5 милиони евра

Иницијатива за кривична пријава до Јавно обвинителство против поранешните генерални секретари на Владата, Драги Рашковски и Мухамед Зекири најави денеска Државната комисија за спречување на корупција. ДКСК твди дека има сознанија дека во периодот од 2017 година до 2021 година врз основа на овие авторски договори од страна на Генералниот секретаријат биле исплатени најмалку 2,5 милиони евра при што имало злоупотреба на службена должност.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска денеска изјави дека во периодот од 2017 до 2021 година од Генералниот секретаријат до Агенција за интелектуална сопственост „Артпицк“ испратени се повеќе од 170 барања за изработка и склучување авторски договори со конкретни лица. Само во 2019 и 2020 година се исплатени хонорари во висина од милион евра.

– Генералниот секретаријат пред склучување на договорот, писмено се обраќал до авторската Агенција, од која барал склучување авторски договор со конкретни лица, чии лични податоци се содржани во барањето, во кое се наведени задачите што лицето ќе ги извршува, месечниот надоместок, периодот на ангажманот. Мал дел од активностите, од кои најголем дел се извршени во период од повеќе месеци, се поврзани со задачи вршени во насока на креирање на интелектуален труд, кој би можел да се квалификува како авторско дело, согласно дефиницијата на Законот, објасни Ивановска.

Од ДКСК укажуваат дека врз основа на документација која им била дадена на увид, доминантна е застапеноста на ангажмани за подолг период за што се вршени повеќекратни исплати, еднаш месечно и по лица и за изршување задачи.

-Во спроведени девет постапки за јавна набавка на услуги од авторска агенција од 2017 година до 2021 година биле склучени девет договори со истата агенција за интелектуална сопственост, која во сите постапки понудила иста цена на провизија, што била критериум за избор од 0,01 процент од бруто надоместокот по поединечно склучен договор, појасни Ивановска.

Антикорупционерите се сомневаат дека Рашковски и Зеќири ги злоупотребиле дискреционите овластувања, така што била загрозена транспарентноста на вработувањата во јавниот сектор.

-Така, лица кои претходно биле вработени со авторски договори потоа биле примани во редовен работен однос, претходно стекнувајќи се со предност пред останатите кандидати кои се јавиле на конкурсите, наведе Ивановска.

Претходна вестГермански компании платија руски гас според моделот на Путин
Следна вестНова активност: Ќе шетам по маркетите за да ги проверам цените за прехраната