Антикорупционерите се заразија од градоначалниците

Главна мода меѓу политичарите и државните институции е да даваат многу најави за свои активности. И кога сме толку многу бомбардирани од најави, ај да те видам да ги запомниш. Еве, на пример, и оние што најревносно ги следат активностите на државната Антикорупциска комисија тешко би можеле да одговарат на прашањето колку предмети досега отворил овој важен орган. Речиси нема ден, а да не се слушаат најави од таму дека се отворени овие или оние предмети. Вчерашните најави беа најнови, дека се отвораат предмети околу болницата за кардиохирургија на Жан Митрев, па за браќата Анѓушеви околу градбата на хидроелектрана…
Ваквиот манир во работењето на антикорупционерите потсетува на начинот на работата на скопските градоначалници: јавноста бомбастично да се информира дури и за она што е нивна најредовна работа. Па така, како што градоначалниците сметаат дека за секое посадување на по некое дрвце треба да се држат прес-конференции, така и антикорупционерите сметаат дека медиумско внимание треба да привлече секој отворен предмет.
А всушност, многу подобро е антикорупционерите да известуваат за тоа колку од отворените предмети биле решени.