Апел на РСБСП: За време на празниците возете безбедно

Уживајте во празничното расположение, прославувајте одговорно и возете безбедно, апел е кој денеска до возачите го упати Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Советот потсетува дека новогодишните празници се време за дружења со најблиските и пријателите, за споделување на среќа и благосостојба. А тоа значи поголема раздвиженост на луѓето, почести патувања, односно поголем број на возила во сообраќајот на патиштата, но и пониски температури и лизгави коловози.

За избегнување на несакани ситуации во сообраќајот и за среќни и незаборавни празници, РСБСП на возачите им препорачува: да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да не конзумираат алкохол кога управуваат со моторно возило, да не користат автомобил доколку немаат потреба за тоа, да ја почитуваат пропишаната брзина, да внимаваат на зимските услови за возење, да управуваат технички исправно возило, да не користат мобилен телефон додека возат, да користат сигурносен појас, да одржуваат растојание помеѓу возилата и сл., укажува Советот.