Април, стана ноември, а ноември -јануари, ново одложување за билетот за едно возење

И картичката за едно возење е се уште само план. Откако прво беше најавена дека стартува во април, следеше одложување за ноември. Но откако и тој месец измина, следната најава се појави деновиве. Ја даде лично градоначалникот: билетот за едно возење ќе стартувал во јануари. Но Петре Шилегов не е сигурен, туку само „мисли“.

-Мислам дека од први јануари граѓаните ќе можат во самите автобуси да купат билет за едно возење. Тој билет е наменет пред се, за луѓе кои што доаѓаат во нашиот град, а кои сакаат да го користат јавниот превоз. Сега за жал нема таква опција, рече Шилегов.

Скопјани стравуваат дека и билетот е повторно само најава… исто како новиот стационар „Лајка“, исто како новиот Луна парк… Додека градскиот татко најавува планови и истите ги одложува граѓаните се лути.

-До кога ќе слушаме само планови, без реализација? Во што да веруваме, кога има само ветувања?, коментираат скопјани на нашата електронска пошта.