Апсурд: Одат во математичка гимназија, а учат само биологија, ликовно, физичко…

Македонското образование подолго време е во хаос. Го реформираме, велат властите со години, ама нема дел од учебниците, нема доволно нагледни средства, нема јасна цел и програма…

А сега е дојдено и до апсурдна ситуација со која нема настава по дури осум стручни предмети, и тоа во многу фалената и најавувана од власта како врв на македонското образование – Математичко информатичка гимназија во Скопје. Ваквата состојба трае веќе цела недела откако со почетокот на второто полугодие не им се продолжени договорите за работа на наставниците по стручните предмети. Со тоа учениците сега имаат настава само по општите предмети.

Зошто се дозволило да дојде до оваа непримерна и неприфатлива ситуација?

Учениците и пред се нивните родители се револтирани, тие се определиле за стручни предмети и малку повисоко ниво на настава, а тоа го нема. Имало деновиве и родителски состаноци во училиштето каде алармирале и барале брза нормализација на настава која им е загарантирана со закон.

Според сознанијата проблемот е во тоа што Министерството за финансии се уште не дало согласност за ангажирање на професорите со договор на дело. На родителите им било соопштувано дека министерството за образование бара решение во најбрз можен рок.

Кога ќе биде тоа? Учениците, кои беа избрани како најдобрите по математика и физика во Македонија, ќе чекаат ли и ќе заостануваат ли уште долго во градивото кое требаше да го учат? Каква порака се праќа до талентираните деца и нивните родители?

За случајот реагираше и Сојузот на средношколци кој повика што побрзо да се реши проблемот во Математичко информатичката гимназија бидејќи апсурдно е учениците од оваа гимназија да имаат по само еден до два часа дневно

Недозволиво е поради неможноста МОН и Министерството за финансии да најдат заедничко решение учениците да немаат настава за 8 стручни предмети во МИГ. Со жалење ја констатираме состојбата во гимназијата која беше замислена како елитна образовна институција за учениците талентирани по Математиката и Информатика, се потенцира во соопштението.

Околу овој апсудр реагираше и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Учениците цела недела губат часови, немало средства да им се исплатат платите на професорите, изјави Весна Јаневска од оваа партија.

Инаку, гимназијата постои веќе три години. Во наставата требаше да бидат привремено ангажирани и ментори и подучувачи од факултетскиот кадар за да се покријат стручните предмети кои и ја прават оваа гимназија – посебна.

 

Претходна вестПоднесено барање за поведување прекршочна постапка за Mинистерство за правда поради клубот „Ванчо Михајлов“
Следна вестЗа само три дена изгубил 70 милијарди долари