Архиепископот Стефан од Вселенскиот патријарх Вартоломеј го доби Патријаршискиот акт за примање во богослужбено и канонско единство

Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви му го врачи вчера Вселенскиот патријарх Вартоломеј на македонскиот архиепископ г.г. Стефан.

Примопредавањето се случи во ставропигијален манастир „Балаклија” во Истанбул. Со ова МПЦ-ОА веќе не е во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви, додека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.

-Дојдовме при Вас и сме многу радосни поради тоа. Дојдовме да Ви кажеме едно големо благодарам. Дојдовме да го изразиме нашиот копнеж по Христа, кој, како православни Христијани, го имаме, и да ги изразиме почитта, честа и благодарноста пред Вашиот престол – да ги објавиме гласно, овде, од под куполата на Константинополската Црква, пред сечесниот Вселенски престол, нашата љубов кон целата Вселена, истакна неговото блаженство архиепископот г. г. Стефан

По богослужбата, архиепископ г. Стефан, во знак на благодарност отслужи Трисагија пред гробот на патријархот Димитриј, за покојните цариградски пастири погребани на истите гробишта.

Делегацијата на Охридската Архиепископија, кој од вчера престојува во Истанбул, в недела на роденденот на Црквата, Педесетница, во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар ќе присуствува на заедничката патријаршиска и синодална света литургија на патријархот г. Вартоломеј и архиепископот г. Стефан.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

Фото: Бигорски манастир

Претходна вестЛамбе Алабаковски пуштен во домашен притвор
Следна вестПочна електронското аплицирање за запишување во средните училишта