Архитектонска изложба во МКЦ – Скопје: нови индустрии на стари локации

Овој петок со почеток во 20 часот во галеријата во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се отвори архитектонската изложба со наслов „Скопје: нови индустрии на стари локации“. Оваа изложба е резултат на едногодишен научноистражувачки проект насочен кон мапирање, проучување, вреднување и промоција на напуштениот индустриски простор како можност за иден економски, просторен и програмски развој на градот Скопје.

Проектот го истражува и претставува процесот на реиндустријализација во градот Скопје, кој иако има позитивна улога во регенерацијата и рационалното искористување на урбаниот простор, се случува во сенка на процесите на деиндустријализација и пренамена на индустриските локации за други неиндустриски намени, кои имаат многу повидливо влијание на просторот.

Целта на проектот е да го афирмира пристапот на обнова и повторно користење на овие локации за нови производни незагадувачки индустрии во прилог на јавното добро и во корист на жителите на градот Скопје.

Учесници во научноистражувачкиот проект се: Горан Мицковски – раководител на проектот, Ана Ивановска-Дескова, Јован Ивановски, Димитар Крстески, Теа Дамјановска, Mихајло Стојановски и Мила Гавриловска. Научноистражувачкиот проект е финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во реализација на Архитектонскиот факултет.

Изложбата ќе трае до 30 март 2023 година.

Претходна вестЛевица го блокираше покачувањето на платите на судиите: Со 4 проценти доверба ни овие плати не ги заслужувате
Следна вестУбаво: Герасимовски ја донираше платата за лекување на ученикот Никола