Предлог Закон за комунална полиција на Градот Скопје до Собранието и Владата доставила скопската градоначалничка Данела Арсовска. Таа наведува дека во пресрет на месеците кога континуирано се бележи зголемено загадување, комуналната полиција ќе претставува системски механизам во борбата против загадувањето, но и ќе придонесе за воведување комунален ред во градот.
-Создавањето диви депонии, фрлањето комунален отпад на недозволени места, палењето контејнери, гуми и отпад, нарушувањето на комуналниот ред се предизвици со кои Градот Скопје секојдневно се соочува. Континуирано ги преземаме сите мерки од наша надлежност за санкционирање на сторителите, а нашата цел е да воведеме ред и на граѓаните да им го овозможиме тоа што е најважно, да живеат во чиста и здрава животна средина. Од тоа нема да отстапиме и токму поради тоа сметаме дека донесувањето на Закон за комунална полиција на градот Скопје е од исклучителна важност за поефикасно и побрзо справување со загадувачите на терен, објави Арсовска на својот Фејсбук профил.
Таа повика да се прифати ова системско решение, строго регулирано со Закон, за доброто на граѓаните при што посочува дека тоа постои во останатите главни градови во регионот како Белград, Тирана и Подгорица, но и во многу градови низ Европа.
-Искуствата и придобивките се многубројни и позитивни особено за справување со оние кои континуирано се обидуваат да ги изиграат законите. Според сознанијата на Град Скопје, во програмата на Владата која се однесува на животната средина и проектите за реализација од 2020 до 2024 година, објавена е програмска заложба дека во овој период треба да се изработи и донесе Закон за комунална полиција, затоа со овој предлог закон по примерот на останатите метрополи во регионот, ги повикуваме Собранието и Владата да го разгледаат, поддржат и донесат во најкраток можен рок, потецнира Арсовска.
Градот Скопје смета дека согласно овој закон овластените лица треба да бидат посебно обучени, постојано на терен, секојдневно вршејќи надзор и санкционирање на прекршителите во однос на управувањето со отпад и загадувањето на животната средина. Со тоа значајно ќе се придонесе за почитување на комуналниот ред во градот, а обидите за загадување и фрлање шут по градските улици и општини трајно ќе се превенираат.
И екс-градоначалникот Петре Шилегов во неговиот мандат бараше од Владата да се донесе Закон за комунална полиција.