Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го казни градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски со 90.000 евра за исфрлањето на ѓубрето пред портите на „Дрисла“ во недела навечер.
По тој повод од општината за денеска свикува прес-конференција на која ќе се образложат детали за казната.
Согласно последните случувања поврзани со отпадот и денешната информација дека е пишана казна за градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во вредност од речиси 90 000 евра поради непрописно одлагање на наталожениот отпад собран од улиците во општина Кисела Вода во просториите на Општина Кисела Вода, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе одржи прес конференција, информираат од Општина Кисела Вода.
Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски во неделата го истурија сметот собран од нивните општини со помош на механизација од други општини пред портите на „Дрисла“, но засега нема информации дали е казнет и Муцунски. Ѓорѓиевски и Муцунски кажаа дека мора да го истурат ѓубрето пред „Дрисла“ затоа што немаат друга опција.
-Бидејќи немаме друга опција, а чекаме повеќе од час и половина, нашите вработени ќе го остават ѓубрето пред „Дрисла“, беше образложението на Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски пред неколку месеци дојде во конфликт со Арсовска околу поставувањето на знакот „Ја сакам Кисела Вода“ на булеварот „Борис Трајковски“, а тој стана и претседател на ЗЕЛС откако од таа функција беше сменета скопската градоначалничка.



