Багерите на Шилегов две години се незагреани, а ни дава нови ветувања за уште понови градби

Скопскиот градоначалник потроши половина од мандатот

Веќе цел месец жителите од Бутел и од други населби од северниот дел на градот си ги кршат возилата возејќи по острите камења на раскопаната улица која треба да стане булевар „Босна и Херцеговина“. На терен има само една градежна машина и неколкумина работници. Затоа, бутелчани и се прашуваат кога ова капитална сообраќајница која уште лани ја најави скопски градоначалник Петре Шилегов ќе биде завршена. И не е само овој пример – пример за бавната реализација на ветеното. Тргни-застани оди и правењето на втората лента на булеварот „АСНОМ “ во Аеродром, но и на бројни други проекти кои им се од големо значење на скопјани. А еве поминуваат веќе две години од мандатот на скопскиот градоначалник. Скопјани со кои деновиве разговаравме за градот во времето на двете години раководење на Шилегов сметаат дека клучните и најголемите проекти или не се остваруваат или споро се прават.

– Две години поминаа, а не видов багери сериозно да работат по градот. Се нешто се крпи, прикрпува, но јас очекував сериозни поместувања на подобро во Скопје, така беше и ветено. Ако две години не му биле доволни на Шилегов да ги пушти во погон градежните работници, тогаш нему ни два мандата не му се доста, вели Венко од К. Вода.

Скопјани замераат што нема реализација на крупните проекти.

-Не гледам дека градежни машини работат по скопските населби за да се прават објекти и инфраструктура кои ќе ги намалат проблемите во градот. И таму кај што нешто се прави се прави бавно. Во исто време го гледам градоначалникот Шилегов како постојано ни ветува „брда и долини“, вели Ѓоше Кајмаковски.

Незадоволство на овие двајца граѓани е мотивирано со фактот дека и по две години не се почнати градежни работи таму каде што веќе мораше да бревтаат булдожерите и други градежни машини. Ги нема, на пример, да го копаат тунелот под Кале кој се уште се планира. Ги нема да ги прават новите мостови за продолжување на Илинденска“ и „Љубљанска“, ги нема да ја прават подземната крстосница кај „Мавровка“, нема активности на кружниот тек во Сарај, поврзување на Кисела Вода и Аеродром…

Нема градежници ни за реконструкција на Универзална сала, споро се прави Луна-паркот и гасификација на градот… Многу споро се завршува и мостот кој беше наменет за панорамското тркало. Да не зборуваме колку споро се превзема нешто за борба против загадувањето.

Наместо ова, граѓаните досега добија помали проекти какви што се патека за велосипеди кај Олимпискиот базен, паркче Ибни-пајко, замена на горниот слој на асфалтот на неколку сообраќајници, поставање на столбчиња за ослободување на тротоари, промена на фасади на неколку средни училишта и набавка на прочистувачи за воздух во нив, околу петнаесетина километри велосипедски патеки, повремени акции за садење садници, субвенции за печки за пелети, велосипеди, тротинети, инвертери, чистење на езерца во Градскиот парк… Сето ова се, сепак, многу помали проекти отколку она што се уште може да се прочита во изборните памфлети и програма на Шилегов.

– Повеќе се ветува отколку што се исполнува, скоро ништо значајно нема направено досега. Но, затоа секој ден на социјалните мрежи се фали како да и тоа што го сработиле го сработил со свои, а не со пари на граѓаните. И најважно, ништо не се презема за подобрување на состојбата со загадувањето, а ветуваа!, ни вели скопјанката Тања Докузова.

И додека скопјани чекаат да видат како и кога ќе се градат одамна најавените капитални проекти, од градските власти почнаа да пристигаат нови ветувања, за нови градби. Се пишуваат и обзнануваат нови стратегии, планови, физибилити студии… Прво следеше најавата дека ќе се гради „зиплајн“ – адреналинска жичница од Кале па до Градскиот парк која воопшто не се ни спомнуваше во текот на изборната кампања, па следеше најавата дека ќе се гради мост кај Ќерамидница кој во изборната програма беше наведен само како пешачки, а потоа дојде и најавата дека во градот ќе почне да се гради трамвајот..

Скопјани, практично, секојдневно добиваат нови ветувања за кои не знаат кога ќе се исполнат…

– Мене конкретно ме засега проблемот со бездомните животни за кои многу ветуваше, а ништо не направи. Ситуацијата е и повеќе од алармантна со сите труења и убиства со секири, а сите фотељаши се вадат дека не се надлежни. Така да оценката е подолу и од нула, потенцира Ана Крстева – Дамческа.

Дефинитивно, ако Шилегов сака преодна оценка од скопјани, тогаш мора да престане со фабрикување на нови ветувања, туку да се почне со реализација на првообјавените- за време на изборите. Скопјани сакаат булдожерите да работат, а не проагандата.

Што очекуваа скопјани од Шилегов?

– Нови булевари и тунел под Кале

– Реконструирана Универзална сала

– Две нови гимназии

– Гасификација на градот

– Повеќе мерки против загадувањето

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО