Балабаноски: Пукавме 257 пати врз градоносните облаци во Пелагонија, но авионите не можеа да полетат кон Лозово

Невремето, особено повремениот град со големина дури и на орев, направи штети во повеќе реони во Македонија. „Штетите ќе беа уште поголеми доколку не делувавме благовремено, а таму каде што имаше штети причината е што авионите за засејување на облаците не можеа да летаат во ноќните часови бидејќи спортските аеродроми немаат опрема за ноќни полетувања и слетувања“, вели Раде Балабаноски, државен советник во Управата за хидрометеоролошки работи за радарска метеорологија во интервју за „Скопско ехо“.

Деновивме имаме невреме во Македонија, со големи врнежи и град во одредени региони кои направија и штети на земјоделците. Од какви димензии беше невремето?

-Се работи за големо невреме. Како УХМР уште во петокот дадовме предупредување дека ќе следи нестабилно време, со грмежи, поројни дождови, град… И тоа се случуваше почнувајќи од петокот. Нашите радари беа активни, и веднаш ги детектиравме градоносните облаци и кои региони се зафатени со нив. Во наша земја веќе три години системот на противградна заштита се спроведува преку авионското засејување на облаците со сребро-јодид. Тоа се остварува во соработка со Аеро-клуб „Скопје“ кој го доби тендерот и кој има три авиони наменети за ваквото засејуавање. Авионите почнаа да летаат од петокот и да ги засејуваат облаците. Во тој период испукани се вкупно 396 палки – патрони при што секоја палка носи 400 грама реагенс. Најмногу палки се испукани во подрачјето на Пелагонија – 257, а потоа и во Преспанскиот регион, охридско-струшкиот, велешко, полошко… Можам слободно да кажам дека благодарение на тоа значително се намалија штетите од градот на обработливите површини. Правило е прво да се штитат обработливите површини со насади, а не и планините, урбаните населби…

Но, имаше многу штети од град во Лозово во овчеполието и некои други краишта?

-Тоа е од причина што таму не се делуваше. Во тој регион градот почна да паѓа околу 22.30-23.00 часот, а тоа е ноќно време во кое авионите не може да летаат. Причина за тоа е што аеродромите од коишто тие полетуваат немат осветлување, немаат опрема за ноќно полетување и слетување. Тоа е посебен проблем кој не зависи од нас туку е пошироко прашање. Таква е состојбата со сите спротски аеродроми во земјава. Таква опрема има само аеродромот во Петровец.

Но, и појавата на град во ноќните часови е реткост. Во изминативе 20-30 години само 2-3 пати се случило град да паѓа во ноќни часови со таков интензитет. Но, ете, и тоа се случува. Сепак, успеавме да заштитиме таму каде можеа да се случат најголеми штети, посебно во пелагониското поле. Не може да се оставри 100-процентната заштита, посебно не при невремето од вакви размери. Во голем дел од подрачјата успеавме градот да го претвориме во дожд, посебно во тетовско, но и во струшкото поле, ресенско. Таму можеа да настанат големи штети. Само во саботата сме испукале 262 палки од авиони што е најмногу во еден ден во изминативе две годнини, тоа доволно зборува колку се настојуваше да се намали штетата.

Авионите стасуваа ли благовремено од аеродромот до облаците за да навреме делуваат?

-Може да се постигне доста. Ние во УХМР ги лоцираме таквите градоносни облаци, даваме изнестување до авионите, им укажуваме и во која точка од облакот да делуваат за да се постигне максимален ефект. Но, верувајте, тоа е опасна ситуација. Тие облаци се опасни, има разно струење… Пилотите многу ризикуваат. А ние не сакаме да настрадаат. Некогаш пилотите не можат да дојдат до определената точка и палките со сребро – јодид ги истураат по облаците каде тие ќе проценат дека можат. Тогаш, силината на облакот се намалува, но тој е и натаму опасен и може да направи многу штета на земјината површина.

Претходна вестПендаровски: Предвремени избори може да направиме и утре, но што би решиле тие
Следна вестЧетири лица се повредени во пожарот во Тетово, на граѓаните им се препорачува носење на заштитни маски