Банките почнаа со предвремена исплата на пензиите

Почнувајќи од денеска 25-ти март, па потоа во сабота на 28-ми март и потоа речиси сите банки во Македонија ќе извршат предвремена исплата на пензии. Тие ги повикуваат пензионерите во интерес на нивна заштита да не користат готовина и да не ги посетуваат филијалите, туку да ги користат картичките и да се насочат кон електронското банкарство.

Халк банка соопшти дека денеска ќе изврши предвремена исплата на мартовската пензија.

– На овој начин пензионерите кои ја примаат пензијата преку банката утре ќе ги имаат пензиите на своја сметка и истите ќе може слободно да ги користат при пазарење со платежните картички, преку електронското банкарство или за подигање преку банкоматите, без провизии, посочија од банката.

Стопанска банка објави дека мартовската пензија од денеска може да ја подигнат пензионерите кои поседуваат дебитна картичка. Пензионерите кои не се корисници на дебитна картичка пензијата ќе може да ја подигнат почнувајќи од сабота, 28 март, во сите отворени филијали на Стопанска банка при што филијалите кои вообичаено не работат во сабота ќе бидат отворени на тој ден исклучиво за таа цел.

Банките ќе ги исплатат пензиите до 28 март, како што од нив побара Владата поради вонредната состојба со корона вирусот.