Барање: Бесплатниот превоз да важи и за средношколците од приватните училишта, за учениците со попреченост а налето за сите

Средношколци со попреченост и оние од приватните училишта да можат да го користат бесплатниот јавен превоз, побара денеска Сојузот на средношколци на Македонија. Оваа организација денеска во Собранието ќе поднесе Предлог за измени и дополнување на Законот за средно образование, во членот што се однесува на правото на превоз на учениците.

– Се работи за околу две илјади од вкупно 71 илјада средношколци во државава.  Предлогот за измени на Законот ќе го доставиме до сите пратенички групи и очекуваме пратениците да го поддржат. Тој не се однесува само на приватните училишта, туку со него се бара бесплатниот превоз да важи и за средношколците со посебни образовни потреби сместени во државните домови, како за учениците што живеат на помалку од два и пол километри од училиштето, информира Лука Павиќевиќ, претседател.

Тој додаде дека се бара јавниот превоз да биде бесплатен и налето зашто учениците од државните стручни училишта имаат феријална пракса за време на летниот и на зимскиот распуст.

– Според сегашниот закон, иако одат на пракса да работат како дел од дуалното образование, тие својот превоз го плаќаат, рече Павиќевиќ.

Панде Ефтимов, претставник на Младинскиот образовен форум (МОФ) и активист за правата на учениците со попреченост од средните училишта рече дека со сегашното законско решение тие се дискриминирани и во јавниот транспорт и дека имаат право да бидат рамноправни со нивните врсници.

-На учениците со оштетен вид и слух веќе им е доволно тешко во секојдневното живеење и овој закон многу ќе им ја олесни пристапноста кон образованието, рече тој.

Ако предлог-законот не биде усвоен во Парламентот за најмногу два месеца, Сојузот на средношколци ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за тој да ја оцени уставноста на сегашните одредби.

Претходна вестНи отсуството на црвениот килим не помогна: „Оскарите“ полека го губат сјајот кај публиката
Следна вестДизелот поевтин, бензините поскапи