Пред два дена се одбележуваше денот на АРМ. Како е дојдено до тоа да биде избран токму 18 август за ден за прослава?
На тој ден во 1943 година (периодот на Втората Светска војна) во стројот на падините на Славеј планина во подрачјето на Дебарца се нашле околу 200 македонски партизани. Повеќето веќе искусни и докажани борци против фашистичките окупатори на Македонија. Ги имало од Преспанско-битолскиот партизански одред „Дамјан Груев“, од делови од Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“, од делови од Прилепскиот партизански одред „Ѓорче Петров“ и од новопристигнати борци од Дебарца… Сите со една цел, да се напраби поголема воена едниница за да се бори за слобода на Македонија.
Така се формира Народноослободителниот баталјон „Мирче Ацев“ – прва регуларна воена формација, способна да делува на целата територија на Македонија за разлика од дотогашните партизански одреди кои имаа локален карактер и подрачје на делување. Штабот на баталјонот бил составен од: командант Наум Веслиевски – Овчарот, заменик -командант Мите Трповски – Војводата, политички – комесар Стоилко Ивановски -Планински, заменик – политички комесар Трајан Белев – Гоце.
Наскоро, баталјонот почува со жестоки битки – напаѓа италијански карабинерски станици во Охридско, урнал три моста на патот Кичево-Охрид, исекол 130 ПТТ столбови, ја запалил жандармериската станица во селото Сливово, влегол во Кичево на 12 септември 1943 г. и учествувал во разоружувањето на италијанскиот гарнизон…
На почетокот на октомври 1943, заедно со Првиот косовско-метохиски баталјон „Рамиз Садику“ и Вториот кичевски баталјон, влегол во состав на Групата баталјони и водел борби кај селата Извор, Кленоец, железничката станица во Подвис, извршил диверзии на патот Ресен-Охрид и се судрил со бугарските окупаторски сили на пл. Баба Сач. Кога главнината на Групата баталјони била вратена во одбрана на слободната територија на Дебарца, околу 70 борци на баталјонот дејствувале на комуникацијата Битола – Ресен. Подоцна, заедно со други единици на НОВ и ПОМ, баталјонот водел борби против германско-балистичките сили во кичевско, со бугарските гранични единиици и на пл. Бигла со бугарските окупатори од ресенскиот гарнизон… На 11 ноември 1943 г. во селото Сливово, Охридско, влегол во составот на Првата македонско-косовска бригада…
Народот веднаш го почивствувал значењето на покажаното херојство на неговите борци. На баталјонот му испеа и песна „Гледај ме, гледај либе“ во која се и стиховите: „Партизан ќ’ одам либе , Партизан ќ’ одам, Партизан ќе одам ах, мило либе Славеј Планина. Славеј Планина, либе Славеј Планина Славеј Планина ах, мило либе во Караорман…“
Вакво и бројни други сеќавања за значењето на 18 август, на денот на формирањето на баталјонот останале. Тој ден и тој настан, по осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година беше определен да биде Ден на Армијата на Република Македонија. Така, секоја година, на Славеј планина, на која се формираа и низа други партизански единици, секоја година се одржува чествувањето на празникот на македонската Армија.