Доколку дојде да прекинот на испораката на рускиот гас преку Бугарија имаме повеќе алтернативи за набавка а ефектот од неиспораката ќе биде нула, оцени денеска Крешник Бектеши, министер за економија. Тој додаде дека испораката на гас преку Бугарија до Македонија треба да се одвива редовно и во континуитет. Денешната состојба покажува дека гасот се испорачува.
Зборувајќи за состојбата по руската одлука да ги прекине испораките на гас и на Бугарија, од каде нашата земја го добива рускиот гас, Бектеши на прес-конференцијата рече дека Македонија има „среќа во несреќа“.
– Македонија не е многу зависна од гасот како енергенс и потрошувачката по жител е многу помала отколку во европските земји, иако потрошените количини секоја година се зголемуваат. Над 80 отсто од увозот на природен гас се користи од топланите, а грејната сезона е веќе завршена. Каква и одлука да се донесе, кај нас влијанието ќе биде многу мало, минимално, да не речам нула, рече министерот за економија.
Лани биле потрошени 426 милиони нормални метри кубни природен гас, а од почетокот на годинава биле увезени 127 милиони. Над 60 комерцијални и јавни потрошувачи и постројки за производство на струја и топлина се директно поврзани на преносната мрежа на природен руски гас.
– Со оглед на тоа што 80 отсто од гасот трошат топланите, за другите 20 проценти може да се снајдеме и преку снабдување со компримиран природен гас, рече тој.
Бектеши рече дека се прават планови ако Русија побара гасот да се плаќа во рубљи, но таква одлука не е донесена. Министерот информира дека тендерот за изградба на гасниот интерконектор со Грција ќе се објави во јуни, а во рок од 18 до 20 месеци треба да биде завршено гасното поврзување со Грција, преку која Македонија ќе добие пристап и до азербејџански гас.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:


