Во наредниве десетина дена ќе има намалување на цените на основните прехранбени производи – лебот, млекото и месото, најави министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со новинарите.
Тој објасни дека се работи за производи кои се наведени во Одлуката за утврдување на маржите од 5 до 12 отсто.
-Во делот на лебот веќе почна поевтинувањето. Очекуваме во наредните 3 до 4 дена намалување на цените на млекото и млечните производи, а до крајот на наредната недела и намалување на цените на месните производи, нагласи Бектеши.
Според него, ако суровините останат на истите увозни цени, од 1 декември се очекуваат и поголеми поевтинувања.
Министерот најави дека утре ќе се донесе дополнителна одлука со која ќе се прошири списокот на дејностите кои ќе бидат поддржани од Владата согласно барањата на Стопанската комора и целиот ланец во делот на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија.
Тој уште еднаш напомена дека се направени сите подготовки во делот на обезбедувањето на производство на електрична енергија, посебно за зимава и за грејната сезона која трае до крајот на март.
-Не очекуваме никакви проблеми во снабдувањето на потршувачите со струја и со топлинска енергија, потенцира министерот.