Би ги довел во ред грбот и знамето на Скопје

Коста Стаматовски графички дизајнер и хералдички уметник одговара на прашањето, кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на Скопје…

1.Чисто и средено Скопје
-Ова е приоритет! Ѓубре насекаде, искршена урбана опрема, запуштено зеленило и агресивни улични кучиња ни станаа секојдневие и состојбата е алармантна! Само со координирана, континуирана и ефикасна работа на службите, но и подигање на свеста и одговорноста на граѓаните ќе дојдеме до трајно решение. Редовно чистење и одржување, комунална полиција која ревносно ќе казнува и постојани кампањи би биле темелот на моето водење на градот.

2. Симболи какви што му доликуваат на градот
Како хералдичар веднаш би пристапил кон доведување во ред на грбот и знамето на Град Скопје. Тие се идеолошки остаток од едно минато време и што е поважно – не се хералдички и вексилолошки исправни. Би иницирал истото да го сторат и останатите 10 скопски општини, со што ќе креираме една целина и систем на општински симболи како што му доликуваат на Скопје.

3.Капење на Треска и скијање на Водно
На скопјани очајно им се потребни места каде ќе избегаат од секојдневието. Разладување, рекреација, спортови на вода или снег, забава, настани… скопјани со нетрпение да чекаат да завршат со секојдневните обврски и да заминат да уживаат на Треска или Водно со семејството или пријателите.