Би ги поврзал Луна паркот и Зоолошка градина во една целина

Познатиот поранешен маратонски пливач Јане Карајованов одговара на прашањето, кои три работи би ги напрвали ако тој е градоначалник на Скопје:

1.Една целина за уживање на децата
Веднаш би пристапил на реконструкцијата на Луна паркот која се уште чека, но истовремено би направил и проект за неговото поврзување со Зоолошката градина. На тој начин би се направил единствен комплекс во кој што би уживале децата. Сега тие се одделни целини иако се мошне блиску. Практично на пет метри одалеченост имаме две места за забава на деца од кои едното застанало во времето, а другото веќе поставува стандарди на тоа како треба да се развива една зоо – градина.

2. Водно за Национален парк
Мислам дека на тој начин ова преубаво скопски излетиште би било најдобро сочувано. На тој начин, мислам, би се запрело неговото уништување и узурпирање. Истовремено, би го пошумил и Калето со што би добиле шума во срцето на Скопје. Тоа многу му е потребно на Скопје во текот на зимата. Повеќе дрва и повеќе зеленило.

3. Нов затворен базен
После толку изградени сали, терени и игралишта, мислам дека е на ред да се направи и нов базен во градот. Во градот имаме само два, изградени со средствата од самопридонесот и кои веќе не се доволни за градот. Да не зборам за тоа дека времето веќе си оставило траги на нив. Потребите се очигледни и зошто да не добиеме уште едно место за рекреација на граѓаните и за тренинзи на наши пливачи.