Би ги уредила зелените пазари за да бидат на пристојно ниво

Адвокатката Биљана Чакмакова посочува кои три работи би ги направила ако таа е градоначалник на Скопје.

1.Надминување на лошата слика на пазарите
Сегашната состојба на зелените пазари во градот, почнувајќи од централното подрачје па до периферијата е крајно лоша. Нехигиена, стари тезги, опасност од загадување храна, продавачи изложени на дожд, снег и сонце, производи кои се продаваат и на земја, купувачи кои одвај се разминуваат… сето тоа го среќаваме секојдневно. Знам дека пазарите се во надлежност на посебно приватно претпријатие, но јас на соодветен начин би иницирала нивно средување. Продавачите и купувачите треба да добијат пристојно ниво. Да не зборам дека во светските метрополи токму пазарите се и туристичка мета. Зошто да не бидат целта на туристите и кај нас?

2. Генерално чистење на градот
Со состојбата со хигиената не можеме да бидеме задоволни, посебно не во централното градско подрачје. Видете го само преминот кај Министерството за правда и околните тротоари. Таму има секакво ѓубре – од фрлени пластични чаши и кеси па до легло на кучиња-скитници. На старата улица „Водњанска“ на секој ќош има отпадоци… Сето ова би го средила преку организирано чистење и средувањен на градот преку подобро работење на јавни претпријатија и на граѓани – волонтери.

3. Редовни поправки и стриктни рокови
На многу места по градот може да се забележи како нешто не е како што треба. Некаде се искршени плочките, столпчињата, се среќаваат превртени жардињери, дупки во тротоари, на улици… Од друга страна, често се случува да почне некаква реконструкција и таа да трае со недели па и месеци. Дури и за најобични тротоари или мал дел од некоја улица. Јас би презела се за да брзо се вршат поправки по градот но и да се постават стриктни рокови за завршување на реконструкции кои прават проблеми во градот со создавање метеж на улици и слично.