Би го спровела аманетот на Кензо Танге

Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ одговара на прашањето: кои три работи би ги направила ако таа е градоначалник на Скопје…

1. Ослободување на воздушните струи
Најприоритетното за сите нас е чист воздух! Градот е организам и ако не му обезбедиме воздух и циркулација ќе го уништиме. Колку сака нека е накитен, привлечен за туристи, ние му ја земаме душата и чекориме посмртен марш. Првенствено би ставила акцент на здравјето бидејќи само здрав човек е богат и работоспособен. Би го спроведувала аманентот на Кезно Танге во однос на чувањето на воздушни струи кои ни го чуваат чистиот воздух. Тоа значи чувањето на провевот крај Вардар, на воздушната линија Скопска Црна Гора – Водно… не би дозволувала високи згради, би преземала мерки против автомобилските гасови, против греењето со отровни материјали…

2. Организирано рециклирање отпад
Би преземала суштински мерки во однос на отпадоците и депониите со токсичен отпад кои се и глобален и сериозен проблем, Тоа би биле суштински мерки, со чувство за визија и грижа за идните поколенија. Повеќе корпи за отпадоци, затворени и чисти контејнери (да не може да влегуваат во нив изгладнети мачки и луѓе), фрлање на габаритен отпад организирано преку матичната општина и на нејзина сметка, и организирано рециклирање на отпадот.

3. Чистење од партиски влијанија и непотизам
За да може да функционираат овие два предлога би спровела и чистење од партиски влијанија, непотизам и корупција. Градоначалник може да ни е татко на сите, само ако се грижи подеднакво за сите, без оглед на партиска припадност, ангажирајќи околу себе докажано компетентни лица со долгогодишно искуство и моментални конкретни решенија. Таква треба да е книшката за успех ! Ако продолжиме да чекаме услови, донации, грантови ќе станеме бетер од карикатурните кловновски ликови во драмата на Бекет ,,Чекајќи го Годо “.