Битиќи: Клучните причини за миграцијата доаѓаат од недовербата во институциите

Од 2011 до 2019 година од нашата држава се одлеале 700 илјади наши сограѓани или скоро секој четврти заминал од државата a причините се во недовербата во институциите, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој во одговорот на новинарски прашања по презентацијата на извештајот „Човечки капитал, миграција и како да обликуваме иднината заедно“ рече дека иселувањето е сериозен проблем.

-Петте клучни причини за ваквиот тренд на иселувањето доаѓаат од недовербата во институциите. Недовербата во смисла на висока корупција, големата политичка нестабилност беше на прво место, а другите се подобар животен стандард, проблеми со образование, проблеми со здравство, проблеми со перспектива за децата, тоа се работи коишто веројатно заради погрешните политики 30 години придонел да дојде до ова. Во креирање на политиките ќе мораме како општество да отвориме дискусија за пополнување на пазарот на трудот, за однесување малку различно од тоа што сме се однесувале досега, потенцира Битиќи.

Тој додаде дека довербата во системот и во политиките не може да се врати за кусо време.

-Заминуваат високо образовани луѓе, луѓето коишто немаат доверба во системот, но тоа е креирано во низа на години во овие 30 години. Не можете да креирате доверба во институциите за две, три или за пет години, кога константно 30 години е нарушен, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот информира дека во Агенцијата за вработување процентот на невработени е се уште висок, но 93,4 проценти од невработените се функционално неписмени, или значи дека нивните вештини не одговараат на пазарот на трудот.

Претходна вестПатот Велес- Градско од утре затворен за сообраќај во наредните девет месеци
Следна вестНови 81 случаи на Ковид – 19, секој трет реинфекција