Битолчанка ја „почитувала“ забраната за движење, лежела пијана на улица

Две лица во Битола ќе бидат казнети оти не го почитувале полицискиот час. За нив  битолското основно јавно обвинителство поднело предлози за казни бидејќи ја игнорирале забраната за движење од 21 до 5 часот наутро како мерка против ширењето на корона вирусот.

Една од казнетите е битолчанка на возраст од 33 години, која всушност и не се движела за време на забраната за движење. Таа била затекната како лежи на 26 март во 00:30 часот на улицата „Прилепска“. Била во алкохолизирана состојба.

Во вториот случај станува збор за 18- годишен тинејџер од Битола, кој исто така на 26 март, во 1:25 часот со автомобил „Рено 19“ без регистарски таблички се движел по улицата 8 Септември.

Тие се товарат дека сториле кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

За секој од двајцата обвинети Основното јавно обвинителство во Битола му предлага на судот да изрече парична казна од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.