Богдановиќ: паркирањето кај „Зелено пазарче“ нема да поевтини, ќе санкционираме кршење рампи

Цената на паркирањето кај „Зелено пазарче“ нема да се намали, а доколку некој се одлучи да ги крши рампите ќе следуваат и порадикални санкции, најави денеска Саша Богдановиќ, градоначалник на општина Центар. Одговарајќи на новинарско прашање за протестите на пазарџиите кои веќе три дена во утринските часови ја блокираат сообраќајницата „Св. Кирил и Методиј“ тој рече дека целта на мерките е да се воведе ред и првенствено да се заштитат интересите на жителите на околните згради.

-Не сакаме никого да оштетиме туку да воведеме ред. Приоритет ни се граѓаните кои живеат тука. Подготвени сме да најдеме решение доколку постои, но не по цена со закани од блокади и кршење рампи. Ќе следуваат и порадикални санкции доколку некој се одлучи на таков чекор, потенцира Богдановиќ.

Тој додаде дека мерките биле воведени оти тоа го барале граѓаните кои живеат тука и кои се жалат на нелегална продажба, злоупотреби на паркингот, уништување на урбаната опрема.

-Мора да се воведе ред бидејќи луѓето кои работат таму доаѓаат од 8 до 16 часот или од 5 до 14 часот и си заминуваат и зад себе оставаат сè и сешто. Но, тие што остануваат, живеат тука 24 часа, и тие и нивните деца имаат голем проблем. Сигурен сум дека повеќето од луѓето што протестираат се диви продавачи кои не плаќаат ништо, рече градоначалникот.

Богдановиќ е подготвен на средба со претставници на пазарџиите, но сака и да се слушне гласот на граѓаните. Утре во 18 часот има закажана средба со сите куќни совети кои беа иницијатори за сите овие активности.