Богдановиќ по теркот со Орце Николов, асфалт и зеленило ќе става и на Ленинова

Пред дирекцијата на ЕВН во Општина Центар, градоначалникот Саша Богдановиќ и директорот на ЈП „ПОЦ”, Васко Кичевски, заедно со дел од општинските служби го презентираа проектот за целосна реконструкција на улицата Ленинова (Аминта Трети), соопшти денеска Општина Центар.

На средбата, како што информираат, одржана на барање на жителите кои живеат во овој дел од општината, градоначалникот, директорот на ЈП „ПОЦ” и службите лично им ги претставија сите придобивки од проектот на присутните и ги слушнаа нивните предлози.

Проектот за реконструкција опфаќа 7800 метри квадратни нов (горен и долен строј) асфалт, целосна замена на водоводната и атмосферската мрежа, тротоари на површина од 4100 метри квадратни, воведување резидентен паркинг по цела должина на улицата, нова урбана опрема и еколошко ефикасно ЛЕД улично осветлување.

-Со обновувањето на улицата, граѓаните ќе добијат улица со нов лик и повеќе зеленило, безбедна и квалитетна, изведена во согласност со сите современи стандарди за функционалност, наведуваат од Општина Центар.

Жителите кои живеат во околните згради на средбата со градоначалникот Богдановиќ и директорот на ЈП „ПОЦ”, Кичевски, посочуваат, разговарале и за проблемите со кои секојдневно се соочуваат, за нивните идеи и предлози во врска со подобрувањето на условите за живот во општината и за други прашања од локален интерес.

Реконструкцијата на улицата „Ленинова” е дел од големата летна градежна офанзива за реконструкција на уличната мрежа во Општина Центар, која заклучно со почетокот на есента, ќе обезбеди вкупно 37 реконструирани улици на целата територија.