Брависимо за „Македонисимо“: Симон Трпчевски синоќа покажа која е силата на македонската музика

Скопје синоќа имаше можност да види прекрасен музички проект. Македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески пред многубројна публика го промовираа проектот „Македонисимо“. Големото плато пред „Опера и балет“, беше преполно, немаше место каде да се застане за да се слушаат изворните македонски: „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Поступано оро“, „Невестинско оро“… преплетени со разни џез и класични музички влијанија.

-Браво маестро, често подвикнуваше публиката на која не и беше тешко да стои скоро два часа, напротив дури и играше на познатите македонски ритми.

Концертот беше бесплатен и како што рече Трпчевски тоа е подарок за народот на Македонија. За потсетување: Музичкиот проект „Македонисимо“ на Трпчески и пријателите, имаше светска премиера во Германија.

Песните и ората кои тој ги отсвири со Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет и саксофон и Влатко Нушев на удиралки, Трпчески ги создаде во соработка со познатиот композитор Панде Шахов. Сите на крајот од концертот добија овации.

Трпчевски со многу радост го водеше целиот концерт, говореше и објаснуваше навистина говорнички – спонтано, свиреше виртуозно на клавир и хармоника, пееше одлично…

-Горд сум што ќе имаме можност да го претставиме овој проект на македонската публика, на народот на којшто овој проект е посветен. Проектот зачна одамна во мојата глава и можам слободно да кажам и во моето срце, бидејќи јас сум задоен, па пораснат со народната музика. Таа секогаш била вткаена дури и во целосното мое образование како музичка личност, коешто јас го стекнав во Македонија и отсекогаш верував во потенцијалот што нашата народна музика го има доколку се преточи и во еден поинаков музички јазик, изјави меѓу другото Трпчески на вчерашната прес-конференција.

Претходна вестПушењето и нездравиот начин на живот причини за три четвртини од смртните случаи до 2019 година во Македонија
Следна вестКовачевски ги уверува и странците дека реформата на администрацијата не запира