Браво, бронзен медал за македонските информатичари на Европската јуниорска олимпијада

На 4-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2020), која од 2 до 6 септември се одржа како онлајн натпревар во Грузија, македонскиот тим составен од натпреварувачите Сара Стефановска од Крива Паланка, Атина Рувинова од Охрид, Јан Стојановски од Скопје, Иван Јованоски од Прилеп и како неофицијален натпреварувач Ева Димитриевска од Куманово, раководени од своите лидери, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои бронзен медал. Се работи за натпревар на ученици до 15,5 години во кој тие ги покажуваат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето.

На ЕЈОИ 2020 учествуваа вкупно 92 ученици од 27 европски земји. Во исклучително силната конкуренција, освојувач на бронзениот медал за Македонија е ученичката Сара Стефановска од Крива Паланка.

– Учениците од тимот беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржа по 31. пат во видоизменети услови заради актуелната пандемија. За среќа, натпреварите по информатика се одржуваат преку системот мендо.мк кој е онлајн достапен за вежбање во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи, претседателот на ЗИМ, Јованов.

Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од четворица натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот, а оваа година заради специфичните околности (онлајн натпреварување), беше овозможено да бидат пријавени и неофицијални натпреварувачи чии резултати не се земаат во предвид при официјалното рангирање. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Заради пандемијата, оваа година за првпат Европската јуниорска олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Дополнително, заради обезбедување на комплетна регуларност на натпреварот, натпреварувачите беа и под постојан видео надзор (видео камера и софтвер за снимање на сите активности на натпреварувачот на компјутерот на кој што работи). Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на ФИНКИ, што ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Грузија.

Да се надеваме дека младите македонски таленти ќе продолжат да се развиваат, а македонските институции тоа ќе го следат и поддржуваат.

Претходна вестСо одговорност и учество на проекти станав првенец на генерацијата
Следна вестЈавното обвинителство ќе ја обжали пресудата за сообраќајката кај „Млечен“