Браво: Кратовско училиште среде Скопје покажа како се чува македонската гастрономска традиција

Убаво беше денеска да се биде во Градскиот парк во Скопје. На широкиот тревнат простор пред езерцето до градскиот стадион, на штандови се презентираа над 200 мали производители – изложувачи на храна и пијалаци од Македонија. Имаше и 40 здруженија, а и неколку училишта кои учествуваат на првиот национален Саем за храна и пијалаци „Вкуси ја традицијата“.

-Видов многу директни мали производители на сирења, на органска храна. Видов дека тие луѓе се борат да останат и работат во своите краеви и ме убедија дека работа во Македонија има ако се сака да се работи, ни вели една посетителка.

Посебно внимание на манифестацијата предизвика штандот поставен од кратовското средно училиште „Митко Пенџуклиски“ каде има и паралелки за угостителско-туристичка струка. Десетина ученици беа облечени во народни носии од кратовскиот крај, некои служеа храна, некои објаснуваа, а имаше и ученички кои на лице место месеа леб, правеа кори, јувки…

-Се гордееме со тоа какви ученици имаме и каква храна има во нашиот крај. Многу од изложеното може да го вкусите ако дојдете во Кратово, посетете го нашиот крај, ни рече наставничката која заедно со дел од учениците (кои беа во куварски облеки) ја надгледуваше големата маса полна со разни тазе зготвени јадења како кратовски мантии, сукани баници, качамак, кратовски ѓувеч, кратовска сарма…

На друга страна, грлат дедо го фалеше својот ливадски мед, до него друг дедо канеше да се проба ајвар кој го подготвила неговата сопруга, помлад производител на козјо сирење од Виница нудеше да се тестира неговиот производ, па се „тркалаа“ тепсии со ѓомлезе, па јагнешко мевце, па на едно место се печеше ракија, па пиво од грозје, па маџун, па органски јаболка, па мармалади, па…

Едноставно, беше убаво да се биде меѓу овие луѓе кои уште чуваат дел од македонската традиција која се пренесува од генерации на генерации. Да се надеваме дека ова ќе даде поттик за поголемо домашното производство на храна. Македонија има традиција, има и многу обработлива почва. Само фали подобро државно планирање и поголема поддршка за земјоделците, сточарите и други вистински производители на храна.

 

Претходна вестСтруга оствари минална победа во дербито со Шкендија
Следна вестПроменливо облачно со попладневен краткотраен дожд