Браво, Македонија победи иако Германија и со раце играше

Горан Пандев и неговата фудбалска чета ја израдуваа цела Македонија. Победена е вечерва големата Германија. Избраниците на нашиот селектор Игор Ангеловски одиграа перфектен натпревар и победија со 2-1 во Дуисбург.

Едноставно, македонските фудбалери го направија онаа што го најавија пред натпреварот – дека ќе дадат се од себе и дека се подготвени да изненадат иако играат со трофејната репрезентација на Германија.

Фудбалерите на Германија почнаа офанзивно, но тешко создаваа шанси поради добриот распоред на македонската одбрана. Посериозно се заканија во деветтата минута кога ја погодија пречката од голот на Димитриевски, по што немаше некој посериозен атак врз нашиот гол.

Во последните пет минути од првото полувреме Пандев, Барди и Алиоски успеаја играта да ја префрлат на половината на Германија. Од слободен удар Алиоски за малку и ќе го совладаше Тер Штеген.
Но, сепак германскиот голман наскоро ја вадеше допката од својата мрежа. Голот го даде големиот Пандев. Тоа се случи во судиското продолжение од првото полувреме, по една одлична акција, Барди убаво асистираше до Пандев кој рутинирано постигна гол за водство на Македонија од 1-0.
Во второто полувреме Германците правеа се за да дојдат до израмнување. Во 62. минута Алиоски направи прекршок во шеснаесетникот, односно Сане го искористи лизгачкиот старт на нашиот фудбалер и изнуди пенал – по што резултатот беше 1-1.
Во 77. минута голем судиски пропуст, Емре Чан играше со рака во шеснаесетникот. Иако буквално бранеше со едната рака и ја сопре топката – судијата не досуди пенал. Џабе беа реакциите на нашите фудбалери. Пандев дури и доби жолт картон иако се бунеше за очигледно оштетување на македонската репрезентација.
Сепак, правдата беше задоволена. Македонски фудбалери не излегоа од ритамот после судиската неправда и продолжија со стабилна и осмислена игра. Пет минути пред крајот на натпреварот по одлична асистенција од Адеми кон Елмас младиот играч на Наполи ја доведе Македонија повторно во водство од 2-1. Тоа беше и крај за надежите на германските фудбалери дека ќе извлечат поволен резултат од овој натпревар.
Голема победа на македонските репрезентативци. Со неа тие испратија порака до сите скептици во фудбалска Европа кои се сомневаа во нивниот квалитет и пласманот на Европско првенство.

Фото:ФФМ

Претходна вестКовид во 24 часа: Бројката на починати и натаму над 30, на новозаразени се качи над 1.500
Следна вестГи праша ли некој скопјани дали може да се „збрише“ зеленилото заради брзиот автобуски транспорт?