Македонски средношколци ја израдуваа земјата. Имено, на 34-тата Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2022), која од 7-ми до 15-ти август се одржува во Јогјакарта, Индонезија, македонскиот тим средношколци го постигнаа историски највисокиот резултат во повеќегодишната традиција на ова натпреварување. Македонскиот тим на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање, составен од учениците Благојче Павлески, Марко Таневски, Софија Велковска и Тео Китановски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и два бронзени медала.
Нашиот тим традиционално се избира во целогодишен циклус натпревари кој го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава
поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Мелон Технологии, Нетцетера и Семос Едукација.
Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, и долгогодишен член на управниот комитет на Интернационалната олимпијада, за овој голем успех изјави: „Во текот на вчерашниот ден, гледајќи ги во живо како се менуваат резултатите од натпреварот, кога во одредени моменти Благојче беше и со освоен златен медал, сфатив дека вреди што како Здружение трошиме огромна енергија за организација на домашните натпревари и за подготовка на талентираните учениците за интернационалните натпревари.
За жал, заради задоцнета поддршка за патување од страна на институциите, и енормното зголемување на цената на авио билетите, нашиот тим наместо во живо учествуваше на олимпијадата онлајн, од просториите на ФИНКИ и со тоа на нашите врвни ученици им беше ускратена можност да бидат на лице место заедно со учесниците од останатите земји. Благојче, бидејќи е пласиран високо на ранг листата
меѓу најдобрите учесници од светот, ќе добие покана за да учествува на камп во Сингапур во текот на септември.