Браво: Поправив и направив 30 компјутери за сиромашните деца да учат онлајн, правам уште…

За проблемите кои ги предизвика онлајн наставата за учениците од посиромашните ученици веќе е добро познато. Речиси 40.000 деца мака мачат оти немаат компјутери, немаат интернет и се снаоѓаат учејќи преку ТВ, преку материјалите од училиштата. Но, тука се хумани луѓе кои, колку што можат им помагаат и на овие деца и семејства. Еден од нив е и Мики Цветанов, скопјанец од Ново Лисиче кои веќе со месеци од стари компјутери прави употребливи и ги подарува на ваквите деца. Веќе триесетина деца на подарок од него добиле вакви компјутери преку кои ја следат наставата. Благодарност што ја добива од децата, од нивните родители е негова најголема награда.

Се почнало со тоа што се решил да склопи компјутери за двете негови деца кои учат во основно образование.

-На почетокот ги извадив сите компјутерски делови кои ми се наоѓаа по дома за да склопам конфигурации за моите две деца. Тоа што остана вишок беше поттик да склопам уште некоја конфигурација и истата да ја подарам. Фалеа делови, па ги барав по пријатели и ИТ форуми. Некои од деловите ги платив од сопствен џеб, воден од пораката дека сме сиромашни за многу, а не за малку. Низ муабет со пријатели и познаници се рашири и идејата. Ги подарив и првите две конфигурации, а со тоа ми порасна и апетитот да помогнам на уште некој, ни ракажува Мики.

Тој, инаку, по занимање е прецизен механичар, а веќе 11 години се бави со поправка на компјутери. Не жалеше ни тоа сопствената спална соба да ја претвори во вистинска работилница полна со стари компјутери, делови, алат… Сега опремува посебна просторија во која ќе може да продолжи со хуманата дејност без да им пречи на домашните.

-Она што најмногу ме мотивира е убавото чувство да некому помагате, на некој кој не може сам да го реши големиот проблем. Би сакал да правам и повеќе но, толку ми се сега можностите, ни вели тој.

Го радува многу тоа што му се јавуваат луѓе за да донираат лаптоп, конфигурации, монитори. Често тој само и со свои средства купува делови кои му се неопходни за да се поправи некој компјутер или лап-топ. Среќна околност е што знае каде деловите се најевтини но пак средствата се трошат.

-Ќе продолжам да го правам ова се додека можам. Тешко ми паѓа тоа што толкав број од нашите деца, нашата иднина, не може да следат настава. Засегнат сум од тоа што образованието ни е задолжително, а државата не овозможува потребни услови за следење на наставата. Треба ли да се запрашаме за еднаквоста на децата во оваа држава? – прашува Цветанов.

Голема листа на чекање

Во последно време Мики, заради тоа што му се јавуваат се повеќе и повеќе лица за да им донира компјутери, почнал да бара и некаков доказ дека се во тешка состојба.

-Барам, на пример, решение од центрите за социјални работи дека некое семејство прима социјална помош, дека некој е самохран родител… Тоа е само од причина што сакам компјутери да завршат во рацето на оние на кои им се и најнеопходни.За жал, листата се секојдневно зголемува, а тоа смао кажува на колку луѓе им треба помош, објаснува овој добар човек.

Претходна вестПо тепачка во Ѓорче Петров приведени осум малолетници
Следна вестОхриѓанка тешко повредена при пад од велосипед