Браво за хуманоста: Млада докторка донира матични клетки за спас на болен од леукемија кој не го познава

Млада семејна лекарка во Скопје покажа со личен пример што е хуманост. Имено, на Универзитетската Клиника за хематологија денеска се реализира несекојдневен чин на храбост и човекољубие, кога млада лекарка донираше хематопоетски матични клетки со кој ќе спаси живот на пациент кој се соочува со тешка малигна хематолошка болест.

Трансплантацијата на матичните клетки е единствената терапевтска опција и таа се реализира благодарение на несебичната донорка.

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска ја посети донорката на матични клетки, млада девојка, воедно и докторка, на која ѝ се заблагодари на извонредната храброст и несебична посветеност да спаси туѓ живот.

– Нејзиниот чин на хуманост и солидарност е надеж, потсетувајќи нè на моќта на заедницата и љубезноста во моментите кога тоа е најпотребно, изјави министерот Меџити.

Директорката на клиниката за хематологија изјави дека станува збор за редок пример, донорот на матични клетки и пациентот кој треба да ги прими да не се во роднинска врска, ниту се познаваат, а нивните клетки да се совпаѓаат.

– Денешниот чин на докторката е уште еден чекор до задоволството да се биде лекар и да се спасуваат животите на луѓето. Младата докторка која е донор на матичните клетки, во Македонскиот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина при Институтот за имунологија и хумана генетикиа, се пријавила уште кога била студент по медицина, а минатиот месец беше идентификувана како евентуален донор. Не се двоумеше ниту миг, веднаш се согласи да му даде шанса за живот на пациент кој не го познава, а боледува од акутна леукемија, изјави д-р Ирина Пановска Ставридис.

 

Претходна вестМлада докторка донирала матични клетки за да спаси живот на пациент со акутна леукемија на Клиниката за хематологија
Следна вестВо среда на 8 мај да се одржат парламентарните и вториот круг од претседателските избори, предлага Мицкоски