Браво за Марија и Орде: Кога беше најтешко сошивме и поделивме 9.000 маски, ќе шиеме пак ако биде потребно

Кога беше најпотребно, тие шиеја маски и помагаа безрезервно. Сега во домот на Марија и Орде Велески шивачката машина се користи за редовините потреби, за шиење фустани и други нарачки. На неа веќе не се шијат маски по што минатата година овој брачен пар кој живее во скопско Визбегово беше познат во јавноста.

Во време на големата криза со ширењето на опасниот корона вирус како и големиот недостиг на заштитните маски на македонскиот пазар, тие двајца доброволно направија илјадници маски кои потоа бесплатно ги делеа на граѓаните и на најразлични организации. Таквата активност траеше со месеци при што користеа и сопствена материјал или материјал кој им го носеа оние кои сакаа да им бидат сошиени маските. 

-Среќна сум поради тоа, поради чувството дека сме помогнале на тој начин да се заштитат луѓето, да не го добијат вирусот, да не се разболат, да се сочува нечиј живот, да нема повеќе болни во болниците каде снемуваше легла. Такво чувство е најголема награда за нас и ни даваше сила во тие месеци да издржиме со правењето на маските. Мажот ми ги кроеше, јас ги шиев, а луѓето кои имаа потреба доаѓаа во нашиот дом и ние им ги делевме. Мислам дека вкупно направивме околу 9.000 маски во тој период. Сега, ситуацијата е поинаква, се сменија состојбите со снадбеноста со маските, ни објасни Марија Велеска.

Таа вели дека веќе неколку месеци не ги шијат маските.

-Престанавме да ги шиеме откако значително се подобри можноста граѓаните сами да купат маски во аптеките. Тогаш ги немаше, беа скапи… Сега веќе ги има насекаде и во аптеки, и во супермаркети и цената им е достапна…Т ака, тоа беше главна причина што прекинавме со шиењето, ни вели Марија.

Во изминатиов период оние кои од нив добиле помош со маски не ги заброавиле. Полицискиот синдикат кој им купил материјал, а тие потоа за нив сошиле околу 1.000 маски на свеченост им дал посебна благодарница. Биле поканети и имале средба со претседателот на државата Стево Пендаровски, а има и јавувања од други граѓани на кои им помогнале…

-Оваа пауза не значи дека сме се откажале од хуманоста. Доколку, не дај Боже, се јави пак потреба, пак ќе седнеме да шиеме нови маски или нешто друго што е потребно. Чувството дека им помагате на луѓето е непроценливо. Тоа секогаш не водело во животот и така ќе биде и натаму, вели Марија за „Скопско ехо“.

Претходна вестКаде ли брзаат скопјани во недела, па возат многу над дозволеното?
Следна вестСлучај охридска болница: За вакцинирање преку ред секретарот доби разрешување