Браво за златниот медал во Сеул, ќе се разбистри ли и во Фондот за иновации?

Батерии со филтри кои ги заробуваат штетните честички од воздухот со ротирањето на тркалата е основата на пронајдокот на неколкумина студенти од скопскиот Машински факултет за кој добија златен медал на меѓународната изложба во Сеул, Јужна Кореа. Пронајдокот наречен „Филтер за воздух вграден во велосипедско тркало“ е остварен од студенти: Ина Крстевска, Филип Попоски, Марко Насески, Мартин Спасовски, Игор Џамбаски и Александар Јанковиќ, а беше претставен на меѓународната изложба „KIWIE 2019“ во јужнокорејската престолнина. Во креирањето на пронајдокот учествувале и вонредниот професор д-р Иле Мирчески и дип. маш. инж. Тошко Ристов.
Пронајдокот е креиран со цел да се подобрува еколошкиот аспек на систем на градскиот транспорт, а во кој се поголемо учество земаат велосипеди.
Браво. Успехот е уште поголем ако се знае дека признанието за скопските студенти доаѓа во период кога во нашето општество од државниот буџет се одвојуваат недоволни средства за проекти врзани за иновации.
Ах, да. Да не заборавиме државата делеше пари за иновации, ама изби и афера околу тоа дека голем дел од парите се делени по партиски критериуми. Имаше дури и најава за истрага, ама еве со месеци чекаме да се објави што открија…
Во меѓувреме млади, како споменатите студенти, иновираат, работат… Браво уште еднаш за нив. Таквите треба да имаат поконкретна и почеста поддршка.