Бронзата од Балканската математичка олимпијада ми е најдрага, имаше силна конкуренција

Првите три задачи беа прилично решливи, додека четвртата задача беше доста тешка. Мислам дека затоа и само двајца од преку 110 натпреварувачи ја решија. Јас успеав да ги добијам сите бодови на првата и третата задача и парцијални бодови на втората. Вака ни го опиша својот пат до бронзен медал кој неодамна го доби на Балканската математичка олимпијада 17-годишниот Лука Грашкоски, ученик во втората година во скопската гиманзија „Нова“. Тој и Ќендреса Селими ученичка од приватната гимназија „Јахја Кемал“ се здобиле со ова вредно одличје во голема конкуренција на повеќе од 100 одлични математичари од 18 земји (балкански и земји-гости) кое што се одржало во Кишињев, Молдавија. Во шестчлениот тим учествуваа и: Михаела Хаџиска, Анастасија Тортевска, Христина Митреска и Алек Јармов, а нивни ментори беа професорите Даниел Велинов и Самоил Малчески.
Лука ни вели дека овој бронзен медал му е најважна награда која досега ја освоил.
-Тоа не е поради тежината на натпреварот, туку поради силната конкуренција. Друга важна награда е бронзата на Азиско-пацифичката математичка олимпијада која ја освоив лани, но не поради конкунрецијата на натпреварот, туку поради тежината на самите задачи, ни објаснува овој талентиран математичар.
Во 2017 година тој со само 15 години освоил и бронза на Европскиот математички куп во 2017 година во сениорска категорија во која натпреварувачите биле од 17 и 18 години. За сребрен медал му недостигал само 1 поен. Пред три години доби специјална награда од неговото Основно училиште „Христијан Тодоровски-Карпош“ како ученик кој учествувал на натпревари по сите предмети, освојувајќи најмногу први и втори места. Математиката му е љубов, ама вели дека сака и читање, пинг-понг, шах, билијард, велосипед, филмови… Ни вели дека поради безброј училишни обврски, не е во можност математика да вежба секој ден, но со добра организација има време за се.
-Во деновите кога решавам математички задачи, времето кое го поминувам зависи од тоа дали се подготвувам за натпревар или не, и колку време имам до тој натпревар. Затоа, времето кое го посветувам дневно на математика може да биде од 1час до речиси цел ден, ни објаснува тој.
Овој млад математичар има свое посебно видување на тоа зошто математиката е проблем за голем број на ученици.
– Голем број на ученици гледаат на математиката како на систем од теореми, својства, леми итн., наместо како наука каде што се бара мислење. Ако учениците се учат како да докажуваат својства наместо да ги меморизираат, тогаш бројот на ученици кои ќе имаат проблем со математиката ќе биде значително помал. Значи, математиката не треба да се учи на памет, но потенцира тој.
Лука се уште не е определен што ќе студира кога ќе го заврши средното образование.
-Веројатно ќе студирам теоретска математика, или пак некоја друга математички насочена студија, најавува овој талент.

Награди по само три месеци вежбање пијано
Во своја биографија Лука има и признанија за свирење на пијано. Во осмо одделение почнал да оди на часови по пијано, а веќе по три месеци освоил трето место на интернационалниот натпревар во Софија – „Вива Пиано“. Една година подоцна на интернационалниот натпревар во Уб, Србија, освоил прво место.
-Пијаното беше моја огромна љубов, која ја совладав за кус период. Потоа почнав и да компонирам, но по зголемувањето на моите обврски и интереси, барем овој период, немам време за пијаното, ни признава тој.