Брзале за шопинг…, многу повредени на улиците викендов

Возач на патничко моторно возило и велосипедист биле тешко повредени, а 19 други лица полесно во вкупно 29 сообраќајни несреќи што се случиле во текот на викендот на градското подрачје. Ова е голем број на повредени споредено со просечната бројка која се движи околу петнаесетина лица во текот на викендите. Тоа повторно укажува на проблемот дека скопските возачи сообраќајните правила и прописи најчесто ги кршат во текот на викендите. А овој викенд беше посебно растрчан, поради шопинг манијата

Од друга страна, викендов сообраќајната полиција санкционирала и исклучила од сообраќај тројца возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 15 возачи пред да се стекнат со право на управување моторно возило и двајца почетници, како и 12 нерегистрирани возила. Санкционирани биле и осум возачи кои поминале на крстосница на црвено светло, пет возачи не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин и еден возач за не носење заштитен шлем за време на управување на мотоцикл. Со помош на специјалното возило „пајак“, отстранети биле 192 возила.