Брзо ќе го направам Центарот за култура во Аеродром

Драги Аргировски, пензионер, новинар и публицист како долгогодишен жител во Аеродром ни одговара на прашањето – кои три работи би ги направил ако тој е градонашалник на општината во која живее.

1.Место за култура
Во модерна и една од најголемите скопски општини мошне недостасува Центар за култура, со концертна, театарска и кино сала и простории за културни самодејности. Таков објект беше планиран да се изгради во централниот дел каде со измени на урбанистичкиот план се донесе решение да се изгради Капитол. Потоа се даде официјално ветување дека за Центар на култура ќе се обезбеди нова локација. Проблемот како да се заборави. Поради сето тоа изградбата на мултифукционален Центар за култура во Аеродром се јавува како неминовна потреба на сегашноста и јас тоа бргу би го направил.

2.Центар за дневен престој на стари лица
Во општината има околу 15.000 старосни, семејни и инвалидски пензионери. Здружението на пензионери „Солидарност Аеродром“ со свои средства отвори неколку клубови на пензионери каде читаат весници, „Пензионер плус“, „Пензионерски видици“ и „Скопско Ехо“, играат жах, домино и табла и се дружат. Има потреба локалната самоуправа да се ангажира за отворање Центар за дневен престој на стари лица, како и нови клубови на пензионери и јас тоа би го правел исто како и воведување бесплатна храна за стари и изнемоштени лица.

3.Услови за движење со инвалидска количка
На тротоарите низ Аеродром често можат да се забележат стари и млади лица кои се движат со инвалидска количка. За тоа секако се потребни подобри инфрастуктурни можности. Да сум градоначалник би спровел јавна акција за создавање современи пристапни можности за вакви лица до сите влезови на институции и на станбени згради. Со тоа ќе се помогне за нивно учество во сите сфери на живеење. За остварување на ова можат да се користат донации и од фондови на ЕУ.