Брзо ќе направам поликлиника и градинка во Кисела Вода

Андријана Срчокова, дипломиран економист од Кисела Вода, одговара на прашањето: кои три работи би ги направила ако таа е градоначалник на Кисела Вода… 

 1.Нова поликлиника

Немањето на поликлиника е голем проблем за сите граѓани од Кисела Вода кои заради тоа мора да одат во Драчево или, пак, во Аеродром. Ваков објект мора што побрзо да се направи и јас тоа би го имала како приоритет. Ветувањата за ваков објект слушаме на секои избори, но до сега тоа никој го нема реализирано. Јас не би чекала нов ДУП за Расадник за да таму се гради. Има соодветни локации и тие само треба да се адаптираат – во населбата  „11 Октомври“ или да се адаптира Домот за зависниците. Освен ова, би направила и нова градинка, но таа би била тврда градба, а не бараки како до сега.   

2. Парк и спортски центар во Расадник

Воопшто не се согласувам со планот на подрачјето на Расандик да се прават толку згради. Со тоа целосно ќе се задуши овој простор кој и онака е презадушен. Тој простор треба да добие друга намена, првенствено парковска и рекреативна. Кисела Вода е општина која има многу малку зеленило и јас сега би ја искористила шансата тоа да се смени. Значи, на подрачјето на Расадник би направила голем парк со многу зеленило и спортски центар со базен и сами за сите спортови. Такво нешто многу и е потребно на општината, посебно и заради учениците кои во рамките на училиштата најчесто немаат соодветни спортски сали и терени.

3. Катна гаража кај општината

Ваков објект е мошне потребен, како за граѓаните кои живеат во зградите околу општинататака и за другите делови од општината. Речиси да немаме тротоар кој е слободен, кој не е узурпиран од паркираните возила. Катна гаража ни е многу потребна и таа би можела брзо да се направи на лоакцијата каде што сега се општинските бараки. Тие бараки се 80-процентно нефункционално и што значи дека таму може да се најде просторот за гаража. Со тоа граѓаните би имале помали проблеми со паркирањето а и општината би заработела нешто.