Бугарската потпретседателка Јотова: Ние немаме малцинства во наша земја, па ни македонско

Бугарија нема да го подигне ветото за Македонија дури и ако Бугарите станат дел од македонскиот Устав, порача денеска од Охрид потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова. Таа рече дека за влез во Унијата потребно е исполнување на сите точки од договорот, меѓу кои е и почитување на правата на Бугарите во Македонија, иако Бугарија не ги признава правата на Македонците таму. Јотова вели дека во бугарскиот Устав нема малцинства.

– Повеќе години сум работела во Советот на Европа и ЕУ и ќе ви кажам дека тоа што го цитирате од Стразбур, тоа решение е во врска со почитувањето на човековите права и никогаш во него не пишувало дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство. Така што, никогаш никој и по никој основ не барал и нема да бара Бугарија да признае, какво и да е малцинство, бидејќи во Стразбур се почитува бугарскиот Устав, рече Илијана Јотова.

Јотова, при денешната посета на Охрид потенцира дека Бугарија ќе продолжи да работи за заштита на правата на бугарските граѓани во земјава, но истакна и дека Бугарија нема да каже „да“ за членство на Македонија во ЕУ. Впишувањето на Бугарите во Уставот на земјава не бил главен проблем за тргање на бугарското вето.

-Ако добро го познавате Договорот за добрососедство меѓу двете земји ќе знаете дека ништо по тие прашања внатре не е направено во последните пет години. Прво, поставените услови за одредени текстови во учебниците од средно, кои треба да бидат дефинирани од Историската комисија меѓу двете земји и тие соодветно да бидат вметнати во учебниците. Второ, ние бараме отворање на архивите за случаите со лицата кои покажале бугарска самосвест и на трето место, тоа што за мене е исклучително важено, е скрнавењето на спомениците рече Јотова.

Инаку, по Битола и во Охрид денес се отвори Културно информативен центар „Балкански хоризонти“. Претходно, Јотова  положи цвеќе пред спомен обележјето на 15-те бугарски туристи, кои загинаа во бродска несреќа во 2009 година.

Претходна вестПендаровски: Именувањето установи според докажан соработник на фашистичкиот режим не служи на добрососедството
Следна вестСОНК не прифати зголемување на платите за 10 отсто, штрајкот продолжува