Бугарски истражители и главниот обвинител доаѓаат во Македонија

Продолжува истрагата за тешката автобуска несреќа во која изгореа 46 лица на автопатот „Струма” во Бугарија. Главниот бугарски обвинител Иван Гешев во придружба на истражители ќе дојде во Скопје за да поднесе барање за правна помош до Обвинителството во Македонија, јавуваат бугарските медиуми. Целта на нивното доаѓање е да добијат ДНК примероци од роднини на загинатите во автобуската несреќа заради идентификација на жртвите.

Бугарските истражители ќе ги добијат потребните документи од нивните македонски колеги во најкус можен рок, вели портпаролката на главниот обвинител Сијка Милева. Според бугарските медиуми, шест истражители од Националната истражна служба и тројца обвинители од Подрачното обвинителство во Перник работат на предистражната постапка.

Состојбата на седумтемина преживеани кои се на лекување кај Пирогов, е стабилна, информираат од болницата. Повредените кои биле на интензивна нега денеска се пренесени на одделението на Клиниката за изгореници и пластична хирургија. Двајца од преживеаните вчера се оперирани. Еден од нив има длабока изгореница на двете раце. Едно од повредените лица денеска треба да биде оперирано. Со оглед на шокот од несреќата и тешките психички трауми, хоспитализираните добиваат и специјализирана психолошка поддршка од болницата. Според информациите на здравствените власти, оние кои се стабилни ќе бидат пуштени дома.