Бугарски обвинител: Немало експлозија и туби со гориво во автобусот, патниците били живи во моментот на пожарот

Човечка грешка најверојатно стои зад тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“ кај бугарскиот град Перник во која во македонскиот автобус загинаа 45 патници. Ова на денешниот брифинг со новинари одржан во Софија го кажа бугарскиот заменик главен обвинител Борислав Сарафов.

– Главниот сомнеж укажува дека најверојатно се работи за човечка грешка кој што ја отежнале и несоодветните обележувања на автопатот. Банкината во која што удрил возачот со автобусот не само што е непотребна на местото, туку е и опасна. На местото немало аксплозија, туку силниот удар што се слушнал бил од ударот на автобусот во банкината, објасни Сарафов,

Тој додаде дека откачувањето на банкината и стружењето со автобусот, кое било како шмиргла и од кое имало искрење, најверојатно е причина поради која автобусот се запалил. Според него во автробусот немало туби со гориво.

– Обдукциите се готови и покажуваат дека сите загинале од задушување, а не од повреди во сообраќајка. Биле живи во моментот на пожарот. Има верзии дека имало туби со гориво. Таа верзија од нас е отфрлена. Најдени се 3 туби, но има остатоци од нафта која ја користи автобусот, а пожарот не настанал од нив. Нема туби од бензин, освен оние вообичаените, изјави Сарафов.

Тој откри и досега непознат податок според кој на местото на настанот биле пронајдени 44 тела. При распитот еден од преживеаните рекол дека се спасени 8 лица, а не 7.

Во исто време, на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела. Затоа, истражителите ја проверуваат верзијата за да видат дали има уште еден преживеан и каде е тој. Можно е тој да ја напуштил границата со друго возило, друг автобус, тоа треба да се провери, беше кажано на брифингот.