Бугарските историчари прогласија победа: Ќе продолжиме и за јазикот, браќата Миладиновци и Гоце Делчев

Веднаш по објавата на препораките од мешовитата македонско – бугарска историска комисија, во Бугарија има славење. Тамошните историчари сето ова го прогласија за победа иако нас во Македонија нашите членови на Комисијата не уверуваат дека не се направени никакви отстапки од науката и македонството.

-Двегодишната битка за одбрана на позицијата на Бугарија во историските спорови со Северна Македонија ја достигна првата победа, се наведува во ставот на бугарската Национална платформа „За Македонија“ во која членуваат бугарски професори – историчари и лингвисти.

Оттука предлозите на историската комисија ги оценуваат како победа за бугарската историска наука. Велат дека колегите во Скопје официјално го препознале очигледното.

-Цар Самуил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-крстител Борис-Михаил го шират својот збор низ целото бугарско кралство, Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во детските учебници во Северна Македонија, велат бугарските историчари.

Сметаат дека кон победата придонела посетата во јуни на Европскиот парламент во Стразбур на говорниците на Националната платформа „За Македонија“ професорите Николај Овчаров, Ана Кочева, Пламен Павлов и Спас Ташев, претставници на Бугарската академија на науките и Универзитетот Велико Трново „Св. Кирил и Методиј“.

-Се надеваме дека и во иднина ќе продолжиме да ги браниме бугарските интереси во споровите за јазикот и за личности како браќата Миладиновци и Гоце Делчев, наведуваат тие.