Бурно ракометно дерби: Вардар убедлив против Еурофарм Пелистер, војна на трибините – летеа факели, шишиња, петарди…

Ракометарите на Вардар вечерва славеа на првото големо дерби против Еурофарм Пелистер со 31:24, но натпреварот помина во сенка на навивачката војна меѓу Комитите на Чкембарите.

Со пристигнување на гостинските навивачи од Битола во СЦ „Јане Сандански“, кон средина на првото полувреме, тие веднаш почнаа да фрлаат факели, што предизвика реакција на Комитите кои влеаа на теренот со желба да дојдат до трибината во која се сместени Чкембарите. Десетина минути на теренот летаа факели, шишиња, петарди, а имаше и топовски удари и сцените наликуваа на вистинска војна.

Група скопски фанови влетаа на теренот и тргнаа на спротивната трибина, меѓутоа за среќа беа спречени. Битолчани истотака дивееја, полицискиот кордон едвај ги одбиваше нивните налети. Тука на реакција пристигна капитенот Мирко Радовиќ. Црногорецот го зеде микрофонот и откако привлече внимание се обрати на „Чкембарите“, повикувајќи на смиреност. Натпреварот по прекин од околу 20 минути продолжи, иако условите за игра и безбедноста не беа во целост обезбедени

Во првото полувреме имаше израмнет ракомет, во кој гостите имаа 2:3 предност, но потоа по мини-серијата на „црвено-црните“ во финишот на полувремето се стигна до 13:10 предност пред паузата.

Стартот на вториот дел беше фуриозен за Црвено-црните, прво постигнаа два брзи гола, а по само три минути игра поведоа со 17:11. Стекната предност, вардарци рутински ја одржуваа, во 50-та минута водеа со 27:21, и во последните десет минути не дозволија изненадување и на крајот славеа со високи 31:24.

Ова е голема победа на Вардар, кој останува со максимални 18 бодови во плејофот и направи голем исчекор кон одбрана на титулата во првенството. Реваншот е во Битола на 7 мај, кога веројатно ќе се решава титулата.

По завршувањето на мечот меѓу Вардар и Пелистер, битолските навивачи во поголемиот период мирно чекаа да излезат од салата, но во еден момент полицијата почна да удира по нив по што се случи голема мешаница која заврши и со уапсени

Претходна вестПрво големо дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер сезонава
Следна вестУХМР: Претпладне променливо облачно, поладне пороен дожд и грмежи