Цените на струјата за дел од домаќинствата намалени за да не се почуствува зголемувањето на ДДВ-то

Намалување на цената на електричната енерија за домаќинствата и за малите потрошувачи-компании од 1 јануари, објави денеска Регулаторна комисија за енергетика. Директорот на РKE Марко Бислимовски денеска соопшти дека цената ќе се намали за 99,2 отсто од домаќинствата во земјава.

– Кај домаќинствата, цената на електрична енергија за првиот блок се намалува за 4,11 отсто, за вториот блок се намалува за 2,95 отсто, цената на третиот блок се корегира и се зголемува за 0,85 проценти и за четвртиот блок цената се зголемува за 7,65 отсто. 99,2 отсто од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија. Доколку продолжат домаќинствата да штедат, многу мал процент ќе имаат зголемени трошоци за струја, наведе Бислимовски.

Но, тој додаде дека ДДВ-то ќе се зголеми од 5 отсто на 10 проценти.

-Потрошувачите од првиот, вториот и третиот блок во домаќинствата ќе плаќаат речиси идентична сметка со зголемувањето на ДДВ-то. РКЕ ги намали цените за да не се почувствува кај домаќинствата зголемувањето на ДДВ-то. Кај тие што штедат, поттикнуваме повеќе да штедат, нагласи Бислимовски.

Вкупната цена на малите потрошувачи од 1. јануари се намалува за 20,15 отсто.

-Оваа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата, компании кои се соочуваа со зголемени трошоци за електрична енергија. Тоа се мали дуќани, фризерници, берберници, мали кафулиња, компании кои им треба оваа помош. Затоа со оваа одлука нивната цена за електрична енергија, рече директорот.

Со одлуките, цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 отсто, а цената за дистрибуција за 19,54 проценти.

-Тоа е дополнителна помош за компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија, затоа што нивните трошоци за мрежарина и вклучување се намалуваат за 20 отсто, рече Бислимовски.

Во изминатиот период имаше реакции дека трошокот за мрежарина е поголем од трошокот за енергија.