Чаршијата пушта и други звуци и гласови

Убаво е кога се прават најразлични манифестации со кои се сака заживување на Старата скопска чаршија. Таа цел ја има традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“ со своите бројни концерти, фолклорни настапи, ликовна колонија, презентација на стари занаети. А сето тоа од синоќа па до утревечер ќе можат да го видат посетителите на еден од најзначајните културно-историски комплекси во Скопје.
Но, скопјани и туристите истовремено ќе можат да видат и нешто друго, а што и се случува на Чаршијата наназад со години: губењето на нејзиниот автентичен дух, како и нејзината запустеност и неодржување. Старите објекти од 1-2 ката сега стануваат четирикатници, има распаднат дуќани, купишта смет и градежен шут…
Затоа, за да имаат ефект „Звуците на чаршијата“, мора да се слушне и гласот на самата Чаршија кој вели – помагајте ме растураат.