Чекаме со часови на семафори, но пострашно е што година и пол ги чекаме ветените сообраќајници

Возењето низ Скопје стана голема мака. Колони возила кои и по 20 минути едвај се движат половина километар по најпрометните скопски булевари, се вообичаена слика за македонската метропола. Нервозни возачи кои доцнат, не стасуваат на работа или дома… Ако порано, ваквиот сообраќаен метеж траеше еден час наутро и попладне, сега почнува веќе околу седум часот изутрина и трае цело време до подоцнежните попладневни часови. Скопските сообраќајници, булевари и улици, едноставно не можат да опслужат толкав број на автомобили и автобуси колку што ги има во градов.

Зошто на овој проблем не се работи посериозно од страна на градоначалникот Шилегов и неговите општински колеги? Зошто нема нови сообраќајници или барем проширување на старите? Ова се прашањата на скопјани кои чмаат на најоптоварените градски сообраќајници – булеварите „Партизанска“, „Борис Трајковски“, „Теодосиј Гологанов“, „Јане Сандански„, на Бит-пазар, кај „Мавровка“, кај Клиничкиот центар…

– Ова е веќе неиздржливо. Секое утро и попладне по 30-40 минути седам во кола и чекам да се расчисти метежот. Ништо не се подобрува. И кога работат семафорите и кога на крстосниците има сообраќајни полицајци. Насекаде не може да се помине. Ќе заглавиш во колона и не можеш да мрднеш. Кој знае колку време досега сум загубил чекајќи во скопски колони. Овие градски татковци никако да го средат ова, револтирано вели скопјанецот Драган Ивановски.

Подобрувањето на скопските сообраќајници секогаш било главно ветување на скопските градоначалници. Ќе се прави трамвај, ќе се прави овој или оној булевар, ќе се проширува оваа или онаа улица, ќе се прави подземна сообраќајница, надвозник, кружен тек, тунел… сето тоа на секои избори им се ветуваше на скопјани. Но, во реалноста, малку што се направи како нови сообраќајници со исклучок на реконструкција на булеварите „Илинденска“, „Теодосиј Гологанов“ и „Трета македонска бригада“, кои беа направени пред неколку години од претходното градско раководство.

Градоначалникот Петре Шилегов е на власт нешто помалку од две години, а градски татко стана и благодарение на ветените проекти врзани за средувањето на сообраќајот во градот. Изградба на тунелот под Кале, продолжување на „Илинденска“ со мостот на Вардар, проширување на булеварите „Никола Карев“ и на „Александар Македонски“, спуштена крстосница кај „Мавровка“, продолжување на „Љубљанска“ преку Вардар, кружен тек кај Сарај, ново сообраќајно решение кај џамијата Јахја – паша, пробивање на булеварот „Хрватска“, новиот мост кај Керамидница, приоритетна лента за јавен превоз на патници… сето ова се само клучни сообраќајни проекти кои требаше да донесат олеснување на сообраќајните маки на скопјаните. Но, и по шеснаесет месеци од стапувањето на функција овие најважни проекти се уште чекаат реализација.

– Не лажеа пред локалните избори со разни најави и ветувања дека ќе градат во Скопје. Ни ветија нови сообраќајници, но Шилегов сега гледам почна со тротинет да се вози. И тој виде дека со автомобил до никаде не можеш да стигнеш, револтиран е скопјанецот Крсто Јовановски.

Не е дека ништо не се гради, но пред се тоа е реконструкција на тротоарите на кои што се обележуваат и патеките за велосипеди и се поставуваат заштитни столпчиња за да се спречи паркирањето на автомобилите. Се прави и булаверот „Босна и Херцеговина“, вториот дел од булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ и подземна сообраќајница на Јужниот булевар, но е прашање е кога овие проекти ќе можат да бидат користени од скопјани…

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО